Еден од најпознатите португалски тренери се кандидира за претседател на Порто

Еден од најпознатите португалски тренери, Андре Виљаш-Боаш, официјално стана кандидат за функцијата претседател на Порто. Веста ја соопшти Виљаш-Боаш кој преку социјалните мрежи објави дека на претстојните клупски избори ќе се бори за функцијата претседател на популарните Змејови.

Португалецот е роден во Порто, а беше тренер на клубот во сезоната 2010/11. Пред тоа му беше помошник на Жозе Мурињо во истиот клуб. Во својата кратка, ама богата тренерска кариера, која ја заврши пред повеќе од две години, ги водеше и Академика, Челзи, Тотенхем, Зенит, Шангај СИПГ и Марсеј.

Засега е познато дека противник на Виљаш-Боаш ќе биде Нуно Лобо, кој беше поразен на претходните клупски избори, кога најмногу гласови доби Жорж Нуно Пинто да Коста, кој е претседател на клубот од 1982 година.

Пинто да Коста (86) се уште не објавил дали повторно ќе се кандидира за претседател. Мандатот на претседателот на Порто трае четири години.