• Мартин Танасковски
Македонскиот напаѓач и репрезентативец Бојан Миовски од денеска ќе работи под водство на нов стратег во редовите на Ренџерс. Шкотскиот гигант и официјално го именуваше Германецот Дени Роел за нов шеф на стручниот штаб, со договор што ќе трае во следните две и пол години.
Ова назначување се смета за важен чекор во насоката на долгорочна стабилизација на клубот, кој во последниот период минуваше низ одредени резултатски турбуленции. Роел, кој важи за еден од најперспективните германски тренери од новата генерација, во својата биографија веќе има богато меѓународно искуство стекнато во елитни европски средини.
Во изминатите години беше дел од стручните тимови на Лајпциг, Саутемптон и Баерн Минхен, каде работеше заедно со неколку врвни имиња на европскиот фудбал како помошен тренер. Токму тоа искуство, комбинирано со неговиот современ пристап кон играта и аналитичката подготовка, го препорачаа како идеално решение за кормилото на Ренџерс.
Роел својата прва самостојна улога како прв тренер ја доби во 2023 година, кога го презеде Шефилд Венздеј во еден од најтешките моменти за клубот. Под негово водство тимот успеа да се консолидира, да воспостави јасна тактичка структура и да избегне испаѓање од лигата, што беше оценето како исклучително голем успех за млад стратег.
Сега пред него стои далеку поголем предизвик, тоа е да го врати Ренџерс на шампионскиот колосек и да го направи конкурентен во борбата за титулата со големиот ривал Селтик. За Миовски, ова значи и нова можност да го потврди својот напаѓачки инстинкт во систем кој ветува динамичен и офанзивен фудбал.



