Еден од најнадежните англиски стратези прв фаворит за заменик на Тухел во Челзи

Неколку англиски медиуми пишуваат дека менаџерот на Брајтон, Грем Потер ја прифатил понудата на Челзи да биде замената на Томас Тухел. Наводно, останува само двата клуба да се договорат за обештетувањето.

Во средата „сините“ од Лондон го отпуштија германскиот тренер, кој во претходните нешто повеќе од една и пол година на клупата на Челзи освои три трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите. Тухел доби отказ откако ја загуби довербата кај играчите на Челзи и кај новиот сопственик на клубот, кој го презеде „Стемфорд Бриџ“ во мај. Клубот од Лондон во вторникот претрпе пораз од Динамо во Загреб (0-1) на стартот од новата сезона од Лигата на шампионите.

Во меѓувреме, Потер доби дозвола од раководството на Брајтон да разговара со Челзи, но за да премине во Лондон најверојатно Челзи ќе мора да плати одредено обештетување. Се шпекулира дека таа сума ќе биде петнаесет милиони евра.

Поранешниот менаџер на Остерсундс и Свонси ги одведе „галебите“ до четвртото место на табелата. По шест кола Брајтон има четири победи, едно реми и еден пораз. Потер има 46 години и во моментов е најперспективниот домашен стратег, кој претходно се споменуваше како можен нов селектор на Англија.

Многумина сметаат дека благодарение на него Брајтон моментално го игра еден од најубавиот фудбал во Премиер лигата.