Еден од најдобрите играчи на Швајцарија не доби дозвола за влез во САД

Фудбалската репрезентација на Швајцарија отпатува кон Соединетите Американски Држави, каде што ќе ја има својата база за време на Светското првенство, но без еден од своите најважни играчи Брил Емболо. Од Швајцарската фудбалска федерација соопштија дека напаѓачот во моментов не може да патува со националниот тим поради административни проблеми поврзани со неговата дозвола за влез во САД.

Според информациите од федерацијата, електронската дозвола за патување која претходно била одобрена, неочекувано била повторно ставена на дополнителна проверка од американските власти.

„За жал, Брил Емболо не можеше да отпатува заедно со репрезентацијата. Неговата дозвола беше валидна до утринските часови, но подоцна добивме известување дека постапката е повторно отворена за дополнителна проверка“, соопштија од швајцарскиот сојуз.

Од федерацијата истакнуваат дека се во постојана комуникација со надлежните институции и очекуваат ситуацијата да биде решена во најкус можен рок.

„Веруваме дека Емболо ќе ѝ се приклучи на репрезентацијата уште денес или најдоцна во текот на утрешниот ден“, додаваат од сојузот.

Швајцарија на Светското првенство ќе настапи во група со Катар, Босна и Херцеговина и Канада. Првиот натпревар Швајцарците ќе го одиграат на 13 јуни против Катар, а потоа ги очекуваат дуелите со Босна и Херцеговина и Канада.