• Редакција Gol.mk

Еден од најдобрите фудбалери во српската Прва лига, Петар Ристиќ, е второто засилување на битолски Пелистер за новата сезона која почнува во вториот викенд во август. По Стефан Спировски култниот македонски клуб договори плејмејкер, кому ќе му бидат доверени „конците“ во средниот ред на тимот.
„Изградбата на нашиот ростер за сезоната 2025/26 продолжува со големо засилување. Од денес нов член на Пелистер е српскиот фудбалер за врска Петар Ристиќ. Поранешниот репрезентативец во младинските категории на Србија доаѓа во Битола како еден од најдобрите фудбалери во српската Прва лига. Играјќи за Трајал Крушевац тој минатата сезона видливо се истакна и сезоната ја заврши со осум гола и осум асистенции“, велат од клубот од Битола.
Се работи за офанзивен фудбалер за врска, кој може да игра на сите позиции во средниот ред и по страничните позиции. Освен за Трајал Крушевац, 25-годишниот Ристиќ настапувал за Мачва, Радник, Раднички Ниш, Јагодина.
Новото засилување се обврза на едногодишен договор со Пелистер Ристиќ веќе го одработи првиот тренинг со новите соиграчи.
