Еден од најдобрите активни голгетери заминува во пензија по крајот на сезоната

Клас Јан Хунтелар, холандскиот напаѓач кој ги брани боите на Ајакс, откри дека по крајот на оваа сезона ќе замине во пензија.

Холанѓанецот кој важи за еден од најдобрите активни голгетери го постигна 150-тиот гол во Ередивизие, а по натпреварот, соопшти дека за него ова е последна сезона. 37-годишникот потоа ќе се посвети на тренерската работа и ќе почне курсеви за УЕФА диплома.

Но, претходно приоритет ќе му биде семејството, затоа што најави дека ќе одмора неколку месеци од сите фудбалски активности.

Клас Јан Хунтелар кариерата ја почна во 2002 година во ПСВ каде не доби шанса. Беше на позајмици во Де Графшап и АГОВВ, а во 2004 година се пресели во Херенвен каде на 46 меча даде 33 гола.

Како фудбалер порасна во Ајакс, за кого од 2006 до 2009 даде 76 гола. Во 2009 година се пресели во Реал Мадрид за кого одигра 20 меча на кои даде осум гола, па ги носеше и дресовите на Милан и Шалке 04. Најефикасен беше во Гелзенкирхен, каде на 175 меча стрелаше 92 пати.

Во Ајакс се врати во 2017 година и на 82 меча има 41 гол.