• Мартин Танасковски
Матеу Алемани, еден од клучните архитекти на модерната ера на Барселона, официјално е именуван за нов спортски директор на Атлетико Мадрид. Овој потег претставува едно од најзначајните кадровски засилувања во шпанскиот фудбал оваа сезона, со оглед на репутацијата што Алемани ја изгради во последните години како еден од најуспешните фудбалски менаџери во Европа.
Алемани стана дел од Барселона во 2021 година, во момент кога клубот се наоѓаше во сериозна финансиска и организациска криза. Со празна каса, огромни долгови и ограничени можности за трансфери, токму тој беше „мозокот“ зад револуцијата што ја спроведе претседателот Жоан Лапорта по своето враќање во клубот. Благодарение на неговата визија и способност за менаџирање во комплицирани услови, Барселона за само две години успеа да го стабилизира буџетот и да ја врати конкурентноста на теренот.
Првиот негов потег беше да реализира неколку паметни и стратегиски потписи, тоа беа Пјер-Емерик Обамејанг, Адама Траоре и Феран Торес, кои ја освежија екипата во критичен момент. Вистинскиот пресврт, сепак, дојде во летото 2022 година, кога Алемани беше клучниот човек во еден од највпечатливите трансфер-периоди во својата историја. Тогаш беа донесени Роберт Левандовски, Рафиња, Жил Кунде, Андреас Кристенсен и Френк Кеси, а резултатот беше доминантна титула во Ла Лига.
Сепак, кон крајот на 2023 година дојде до несогласувања меѓу Алемани и дел од управата, што доведе до неговото заминување. Него го наследи Деко, поранешниот фудбалер на Барселона и негов поранешен соработник. Сега, нивните патишта повторно се вкрстуваат, но од спротивни страни, Деко како спортски директор на Барселона, а Алемани како прв човек за трансфери во Атлетико Мадрид.
Во Мадрид, Алемани ќе ја преземе функцијата од Андреа Берта, кој летово се приклучи на Арсенал.
