ВИДЕО: Еден гол недоволен за бодови, Шведска им одржа лекција на нашите надежи!

Македонската репрезентација до 21 година го впиша и четвртиот пораз во квалификациите за Европското првенство, откако вечерва загуби од селекцијата на Шведска со убедливи 1-4 (1-2). 

Натпреварот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола започна одлично за нашите надежи, кои поведоа со 1-0 по одличната комбинација на Хамза и Елези, но потоа буквално сѐ одеше во полза на противникот. 

Делувавме прилично стабилно во првите половина час, а потоа следуваше двеминутна експлозија на Швеѓаните, кои го презедоа водството со двата гола на Ричи Оморова, кој стрелаше во 32. и 33. минута. На паузата гостите заминаа со минимална предност (1-2). 

Тргнавме малку поофанзивно на стартот на вториот дел, но и тоа не вроди со плод, туку, напротив, донесе нова капитулација на нашата одбрана. Момоду Сонко во 60. минута зголеми на 1-3 и ги реши сите дилеми околу победникот на овој меч. 

Времето полека одминуваше и стануваше јасно дека избраниците на Горан Станиќ се близу до нов пораз, иако се обидоа да внесат малку свежина во последната третина од мечот. И покрај нашата желба, Шведска умешно ја контролираше играта и на крајот впиша сосема заслужен триумф, а творец на конечните 1-4 беше Амин Будри во 79. минута од мечот. 

Нашата млада репрезентација останува претпоследна во групата Е со само три бода, а во следното коло ќе се соочиме со лидерот во оваа конкуренција, селекцијата на Полска.