ВИДЕО: Еден гол го реши дуелот крај езерото, Струга ТЉ до три бода со Ренова

Фудбалерите на Струга Трим Љум ја продолжија серијата без пораз и дома ја совладаа Ренова со 1-0 (1-0), во дуелот од 12. коло на Првата македонска фудбалска лига. Климнсман Цаке постигна уште еден одличен погодок, но за разлика од дуелот со Вардар, сега тој значеше победа и три бода за тимот на Захариевски. 

Стружани поконкретно го отворија натпреварот од ривалот. Тимот од Џепчиште немаше одговор за расположените напаѓачи на противникот, ама сепак добро се бранеше. Иако Струга стигна до гол на стартот, истиот веднаш беше поништен поради прекршок врз голманот Ѓуриќ.

Резултатот го отвори Клинсман Цаке, кој во 34. минута го израдува својот тим со гол за водство. Акцијата се одвиваше по десната страна, а дефанзивецот слично како и против Вардар во претходното коло, биеше со надворешно ефе и го измами голманот Велии. До паузата немаше други возбудувања и на пауза Струга замина со позитива. 

Во продолжението од натпреварот Ренова очекувано тргна офанзивно. Сепак, фудбалските елементи често беа во втор план, бидејќи се играше тензично, со остри фаули, прекршоци и многу вербални судири. До крајот на средбата Ренова се обидуваше да изгради позиција и да го загрози голот на Ѓуриќ, ама не успеваше во тоа и загуби на гостувањето на „Градскиот стадион“ во Струга. 

Со денешниот триумф стружани се на делба на четвртата позиција со 19 освоени бодови, додека Ренова е во опасната зона со само осум бода.