• Иван Димовски
Интер ќе биде ослабен на гостувањето кај Барселона во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите. Италијанските медиуми пренесуваат дека Бенџамин Павар ќе го пропушти дуелот поради повреда на левиот зглоб.
Искусниот Французин се повреди уште во 15. минута на мечот против Рома, кога беше турнат надвор од теренот од противнички играч.
Сепак, има и добри вести за тимот од Милано. Во составот би требало да се врати Маркус Турам, кој поради мускулна повреда ги пропушти последните три натпревари – сите завршени со пораз за Интер без постигнат гол.
„Нераѕурите“ загубија во Серија А од Болоња и Рома со по 0-1, а беа елиминирани и од Милан во полуфиналето на Купот на Италија со убедливи 0-3.