Еден ден по историскиот дебакл Ајакс доби уште едно големо „НЕ“!

Вчера во холандскиот шампионат требаше да се одигра големото дерби меѓу Феенорд и Ајакс во Ротердам, но видовме незаборавен дебакл на гигантот од Амстердам.

Феенорд го декласираше Ајакс со 6-0 и тоа е најубедливиот пораз на „копјаниците“ во „Де Класикер“ во историјата. За каков натпревар се работи најдобро може да каже статистиката која вели дека односот на ударите бил 30-1 во корист на Феенорд.

Помалку од 24 часа подоцна, на Ајакс му беше зададен уште еден тежок удар. Овој клуб сакаше да го види Грем Потер на својата клупа од јуни, но британски „Скај спорт“ излезе со ексклузивна информација дека поранешниот менаџер на Брајтон и Челзи ја одбил тренерската позиција на „Јохан Кројф Арена“. „Скај Спорт“ понатаму пишува дека Потер ќе се најде на листата на кандидати за менаџер на Манчестер Јунајтед, доколку тој клуб на крајот од сезоната го отпушти Ерик тен Хаг.

Ајакс сигурно нема да има тренер кога ќе заврши сезоната, бидејќи заминување најави и Џон ван де Шип, а по овие 0-6 не би го спасила ниту премислувањето. Се споменува и Чави, но ќе видиме што ќе се случи во текот на летото.