Ечевери е јунакот на Аргентина, „Гаучосите“ го распарчија немоќниот Бразил

Репрезентацијата на Аргентина е вториот патник во полуфиналето на Светското првенство за фудбалерите до 17 години, откако во четвртфиналната пресметка славеше над вечниот ривал Бразил со убедливи 3-0 (1-0). 

Младите „гаучоси“ имаа многу повеќе од играта и сосема заслужено обезбедија место меѓу четирите најдобри, а триумфот против Бразил беше најавен уште во првото полувреме. Младиот Клаудио Ечевери засекогаш ќе го памети овој натпревар, затоа што успеа да постигне хет-трик и буквално сам ѝ ја донесе победата на својата репрезентација.

Напаѓачот на Ривер Плата постигна еден гол во првото и уште два гола во второто полувреме, со што донесе огромна радост за сите аргентински навивачи. Во мечот за пласман во големото финале, јужноамериканската селекција ќе се сретне со Германија, која во првото четвртфинале славеше над репрезентацијата на Шпанија

Полуфиналниот натпревар од Светското првенство помеѓу Аргентина и Германија е закажан за 28 ноември, со почеток во 13:00 часот.