• Мартин Танасковски

Англискиот премиерлигаш Манчестер Сити ја забележа првата победа во подготвителниот период, откако ја совлада селекцијата на најдобрите фудбалери од јужнокорејската К-лига со 3-1 во пријателски натпревар одигран во Сеул.
- Извештај од натпреварот:
Сите четири погодоци беа постигнати во првото полувреме. Аит-Нури го отвори резултатот за англискиот тим, но Де-Вон брзо возврати и израмни на 1-1. Во продолжението, разиграниот Семењо учествуваше во акциите по кои Рајндерс и Мубама ги постигнаа головите што му донесоа сигурна победа на составот од Манчестер.
Во вториот дел темпото очекувано опадна поради бројните измени. Домашниот состав се обиде да биде опасен и еднаш ја погоди стативата, но не успеа повторно да ја затресе мрежата.
Манчестер Сити рутински го контролираше натпреварот, создаде уште неколку добри шанси и можеше да слави со поубедлив резултат, додека голманот на К-Лига Ол Старс, Сунг-Јун Гу, со неколку одлични интервенции спречи потежок пораз на својот тим.










