• Мартин Танасковски
Швајцарскиот стопер Мануел Аканџи не е задоволен од напорниот распоред во фудбалската сезона. 29-годишникот кој е член на Манчестер Сити смета дека УЕФА и ФИФА им наметнале премногу натпревари на клубовите и репрезентациите.
„Не можете само да додавате натпревари и да претпоставувате дека сè ќе остане како што беше. Треба да размислите и за играчите. Во еден момент тие ќе бидат премногу уморни, а потоа дефинитивно ќе дојдат повреди. Тренираме максимално напорно и подготвени сме, но мора да има граница. Можеби ќе се пензионирам на 30 години“, изјави играчот.
Аканџи оваа сезона забележа пет настапи за клубот и два за националниот тим во Лигата на нации. На сите натпревари одигра 90 минути. Манчестер Сити во среда го пречекува Интер во Лигата на шампионите, а во недела Арсенал во Премиер лигата.