• Саше Љолес
Баер Леверкузен игра неверојатна сезона во Бундеслигата и е на одличен пат да ја освои првата историска титула, но нивниот играч, Џереми Фримпонг, би можел да добие казна од федерацијата поради прославата на голот на Куп-натпреварот со Фортуна Дизелдорф.
„Фармацевтите“ славеа со убедливи 4-0, Фримпонг го отвори резултатот уште во седмата минута, а при прославата на голот симулираше гест кој многумина го протолкуваа како пушење марихуана.
Од клубот изјавија дека се работи за интерна шега меѓу играчите, која нема допирна точка со стимулирање употреба на наркотични средства, но сепак Фримпонг би можел да добие парична казна од 9.000 евра и забрана за настап на еден натпревар.
Германската фудбалска федерација сериозно ќе го разгледа случајот, а конечната одлука се очекува до почетокот на следната недела. Тимот на Чаби Алонсо има 13 бода предност пред Баерн Минхен и се подготвува за големо славје на крајот од сезоната.