• Иван Димовски

Ѕвездата на Арсенал, Пјер Емерик Обамејанг, отпатува на далечниот репрезентативен собир во својата Африка, каде во квалификациите за Афричкиот куп на нации играат двомеч со Гамбија. Откако Габон дома победи со 2-1, денес ќе одиграат и гостински дуел во оваа земја.
Сепак, патувањето кон Гамбија за Габон беше едно големо патешествие. Репрезентацијата каде настапува Обамејанг била долго задржана на аеродромот по слетувањет во Гамбија, а причина за тоа се неправилности со ковид-тестовите. Истите требало да бидат направени 48 часа пред влезот во земјата, но Габонците го немаа исполнето тоа, па ја минаа вечерта на аеродромот.
Ѕвездата на Арсенал која со своите соиграчи беше приморана да преспие на аеродромот, на подот, клупите и столчињата, не ја загуби својата смисла за хумор и константно објавуваше шеги на социјалните мрежи.
„Само сакам да знам зашто Гамбија ги задржа нашите пасоши со часови и не држеа на аеродромот. Да не сме заложници тука?
Сега сме 2020 година и сакаме Африка да расте, но ова не е вистинскиот пат. Сепак, нема да не демотивира, ама очекувам некој да претрпи последици за оваа случка“, напиша Обамејанг.
На крајот играчите на Габон добија дозвола да заминат од аеродромот и мечот со Гамбија ќе се одигра според планираното.




