• Саше Љолес
Екипата на Јувентус е првиот патник во големото финале од Купот на Италија, откако вечерва загуби со 2-1 на „Олимпико“ кај Лацио, но за гостите доволна беше залихата од два гола по првиот натпревар во Торино.
- Извештај од натпреварот:
Лацијалите одиграа подобро прво полувреме и делуваа многу помотивирано од ривалот, а тоа резултираше гол на Тати Кастеланос уште во 12. минута. Домаќините имаа уште две солидни шанси за зголемување на водството, но на паузата резултатот остана 1-0.
Кастеланос, сепак, одново беше во центарот на вниманието на стартот од вториот дел и успеа да ја удвои предноста на Лацио по само четири минути игра. Делуваше дека римјаните се во полн налет и ќе успеат да го елимнираат славниот ривал, но тогаш на сцена стапи Полјакот Аркадиуш Милик, кој постигна гол по првиот допир со топката.
Напаѓачот влезе во игра во 81. минута и успеа да стрела прецизно по само 120 секунди минати на теренот, поставувајќи ги конечните 2-1 и носејќи голема радост за своите навивачи. Јувентус во финалето на Купот за противник ќе го има подобриот од дуелот меѓу Аталанта и Фиорентина и ќе се бори за петнаесеттиот трофеј во ова натпреварување.