• Иван Димовски
Фудбалерите на Џирона ремизираа во натпреварот од 14. коло со Атлетик Билбао (1-1) и со тоа го препуштија врвот во шпанската Примера кој досега љубоморно го држеа. Изненадувањето на првиот дел од сезоната не успеа да го совлада солидниот ривал од Баскија на својот „Мунисипал де Минтиливи“ и повеќе не е првопласиран тим во Шпанија.
Првото полувреме во Џирона понуди доста шанси пред двата гола. За гостите се обидуваа Гурузета, Маркос, Сансет и Вивиан, додека кај домаќините опасен беше Стуани, а поништен гол постигна Савио. Откако во првиот дел немаше голови, работите се сменија по паузата.
Виктор Циганков донесе предност за Џирона во 55. минута од натпреварот, откако искористи одбиена топка која ја смести во мрежата. Радоста на домашната публика траеше до 67. минута кога за егал стрелаше Ињаки Вилијамс (1-1). До крајот на натпреварот Џирона се наметна, притисна и се обидуваше преку Херера и Торе во два наврати, меѓутоа не успеаја да донесат победа.
Со овој бод Џирона се израмни со Реал Мадрид на по 35 бода, меѓутоа „кралевите“ имаат подобар меѓусебен дуел и се нов лидер во Примера.