• Иван Димовски
Џирона е веројатно најпријатното изненадување на стартот на сезоната во шпанската Примера. Добрата серија на оваа екипа продолжи и на гостувањето кај Гранада, со победа од 2-4 (0-3), за одржување чекор со водечкиот двоец - Реал Мадрид и Барселона.
Гостите на „Естадио Нуево Лос Карменес“ постигнаа три брзи гола во првиот дел. Резултатот го отвори Виктор Циганков, откако во 22. минута стрела по асистенција на Савио. Девет подоцна, асистентот се претвори и во стрелец, за удвојување на водството (0-2). Голеадата ја продолжи Давид Лопез, кој во 34. минута зголеми на 0-3.
Сепак, во продолжението следеше целосно будење на заспаниот домаќин. Гранада успеа резултатски да се врати во натпреварот и на неколку минути да ја врати надежта кај навивачите. Со погодоците на Мирто Узуни во 63. и Лукас Боје во 85. минута, домашните фудбалери намалија на 2-3.
Кога сите очекуваа брканица и притисок на Гранада за сензационално израмнување, младиот Јан Коуто стави точка на пресметката и во 89. минута ги постави конечните 2-4. Со оваа победа Џирона се врати на третата позиција, има 13 бода исто колку и Барселона, а на врвот е максималниот Реал со два повеќе.