Џигероски: Паузата ќе ја искористиме за запознавање, враќање на формата и самодовербата

По лошиот старт под водство на Драган Бочески, македонскиот второлигаш Охрид се реши за тренерска смена и тимот довербата му ја додели на искусниот Пепи Џигероски.

Новиот предводник на „рибарите“ е подготвен за предизвиците кои се пред него, а истакна дека во овој момент најдобра работа е што има репрезентативна пауза, која ќе ја искористи за подобро запознавање со фудбалерите.

„Во овој момент најдобра работа е што има пауза од две недели за работа и тука ќе биде ставен акцент на запознавање со екипата, иако добар дел од играчите ги познавам, но едно е да ги познаваш, а друго е од блиску да работиш со нив.

Сакам да ги видам нивните карактери, како ќе ја креваме нивната самодоверба и овој период добро ќе ни дојде да тренираме и работиме интензивно за враќање на формата и самодовербата“, изјави Џигероски. 

По шест одиграни кола во Втората македонска фудбалска лига – Запад, Охрид е на последната позиција на табелата со само една победа и пет порази.