Џиџи: Да му помогнеме сите заедно на овој Вардар!

Поранешниот селектор на Македонија, Никола Илиевски - Џиџи, е назначен за нов тренер на Вардар. Стратегот повторно се враќа во „црвено-црните“, но доаѓа во еден тежок период за клубот, најтежок во последната деценија, поради беспарица, долгови и заминувања на играчи.

Популарниот Џиџи во разговор за Gol.mk истакна дека на овој Вардар мора да му се даде поддршка. Новитет во стручниот штаб е ангажманот на некогашниот стопер Бобан Грнчаров, а исто така тука е и кондицискиот тренер Михаило Шејкероски.

„Се договоривме со луѓето кои го водат Вардар и ќе стартуваме утре или задутре. Веднаш ќе почнеме, затоа што времето за подготовки е доста кратко. Го прифатив повикот да го водам Вардар, во стручниот штаб ќе биде Бобан Грнчаров, заедно со Филип Ивановски, Никола Глигоров и Златко Таневски. Со нас ќе биде и кондицискиот тренер Михаило Шејкероски - Шани. 

Засега, на располагање имаме еден млад тим. Знам дека преодниот рок трае до четврток, ама не би можел ништо да говорам сега, се зависи како ќе се реализираат работите што треба да се реализираат во клубот околу заостанатите плати и други активности. 

Кога ќе сумираме се, не ми е првпат да дојдам во Вардар во еден ваков период, така што сакам сите заедно да застанеме зад клубот и да дадеме поддршка на младите фудбалери во борбата за прволигашки бодови. Посакувам поддршка и од медиумите, и од навивачите, и од „Комитите“ и од сите љубители на фудбалот. Сите заедно да му помогнеме на овој Вардар, од кој си заминаа носители на игра и носители на играчи“, ни изјави Илиевски.

Вардар до првиот натпревар има помалку од една седмица. Следниот викенд најтрофејниот колектив на домашен терен ја отвора пролетната полусезона со „вечно дерби“ против екипата на Пелистер.