• Саше Љолес
Легендата на Ливерпул, Стивен Џерард, смета дека Манчестер Сити мора да добие сериозна казна доколку се докажат обвиненијата за финансиски неправилности во периодот од 2009 до 2018 година. Поранешниот англиски репрезентативец повика на санкции што ќе послужат како предупредување за сите клубови во иднина.
Премиер лигата го товари Сити за прекршување на финансиските правила, а конечната одлука за евентуалните казни ќе биде донесена по завршувањето на правната постапка. Клубот ги негира обвиненијата и го оспорува случајот.
Темата има посебно значење за Џерард, кој со Ливерпул во сезоната 2013/14 беше многу блиску до освојување на шампионската титула, но на крајот мораше да се задоволи со второто место, токму зад Манчестер Сити. Доколку се утврдат прекршувања, меѓу можните последици се споменува и одземање на титули, зависно од конечната одлука.
Сепак, Џерард нагласи дека нема ништо против фудбалерите кои настапувале за Сити во тој период, но смета дека мора да се разгледа влијанието на евентуалните прекршувања врз останатите клубови.
„Немам ништо лично против играчите на Манчестер Сити од тој период. Беа извонредни, имаа големи моменти и веројатно ги заслужија. Сепак, јас не сум човек што би прифатил шампионски медал со задоцнување.
Одамна се помирив со фактот дека не ја освоив Премиер лигата, како и со лизгањето против Челзи“, изјави Џерард, потсетувајќи се на кобниот момент од сезоната 2013/14.
Поранешниот капитен на Ливерпул истакна дека случајот не треба да се сведе само на неговото разочарување и пропуштената можност за титула. Според него, евентуалните прекршувања можеле да влијаат врз повеќе клубови, без разлика дали се бореле за трофеи, европски пласман или опстанок.
„Слушнав многу навивачи и фудбалери на Манчестер Сити како велат дека никој не може да им ги одземе тие моменти. Но, што е со моментите што тие им ги одзеле на другите?
Не зборувам само за себе и за Ливерпул. Тука се Тотенхем, Манчестер Јунајтед, Евертон, екипите од дното на табелата и оние што се бореле за трофеи“, порача Англичанецот.
Џерард смета дека евентуалната казна мора да биде доволно строга за да спречи слични случаи во иднина. Како можни мерки ги посочи забраната за трансфери и одземањето бодови, оценувајќи дека самото исфрлање на Сити во Чемпионшип не би било доволно.
„Мора да се постави пример за историјата. Не мислам дека исфрлањето во Чемпионшип е праведно кон клубовите што веќе се таму. Не верувам ни дека тоа би било доволно, бидејќи Сити веднаш би се вратил.
Мислам дека треба да има забрана за трансфери и одземање бодови во одреден период. Нека страдаат како што ги натераа другите да страдаат во текот на тие девет или десет години“, порача Џерард.
Случајот против Манчестер Сити е еден од најголемите финансиски спорови во англискиот фудбал, а конечните санкции против „граѓаните“ допрва се очекуваат.

