ВИДЕО: Џенова без Пандев загуби од Торино, Лацио не го искористи киксот на Милан! 

Екипата на Џенова ,без услугите на македонскиот репрезентативен капитен, Горан Пандев, запиша нов неуспех во Серија А, откако пред своите гледачи со 0-1 (0-0) загуби од тимот на Торино. 

Поради суспензија за жолти картони Пандев не беше во можност денес да им помогне на своите соиграчи, кои одиграа нов лош натпревар и го запишаа петтиот неуспех во низа во италијанскиот шампионат (четири порази и едно реми). На другата страна пак, Торино со оваа победа направи огромен исчекор кон четвртата позиција и сега заостанува само два бода во однос на Милан. Големите три бода на тимот на Мацари ги донесе Ансалди со гол во 58. минута. 

Фудбалерите на Лацио не успеаја да го искористат киксот на Милан, кој попладнево одигра 1-1 против Парма, и на „Олимпискиот стадион“ во Рим со 1-2 го загубија дуелот со аутсајдерот и нов второлигаш Киево. Стрелци на головите за „летечките магариња“ беа Емануел Вињато и Перпарим Хетемај, додека единствениот гол за Лацио го постигна Каиседо.

Мечот во Рим го одбележа и глупоста на првата ѕвезда на лацијалите, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, кој во 34. минута го клоцна противникот и заработи директен црвен картон. 

На останатите натпревари, Болоња со 3-0 ја совлада Сампдорија, Каљари со минимални 1-0 славеше над Фросиноне, СПАЛ на гости го изненади Емполи (2-4), додека Удинезе и Сасуоло одиграа без победник, 1-1.