Џенаро Гатузо ќе биде новиот селектор на италијанската репрезентација!

Угледната „Газета Дело Спорт“ објави дека Италијанската фудбалска федерација постигнала договор со Џенаро Гатузо, кој ќе биде нов селектор на сениорскиот национален тим. 

Деновиве се шпекулираше со неколку имиња кои би можеле да го наследат Лучијано Спалети, а изборот паднал на популарниот „Рино“, кој неодамна замина од редовите на сплитски Хајдук. Во игра за жешкото селекторско столче беше и искусниот Клаудио Раниери, но „лисецот“ ја одби понудата и реши да замине во пензија по ангажманот во Рома. 

Навивачите се со поделени мислења околу изборот на Гатузо и не се убедени дека тој е вистинскиот човек што може да ја врати Италија на победнички колосек. „Аѕурите“ пропуштија две Светски првенства во низа, а ништо подобро не ги започнаа и овогодинешните мундијалски квалификации.