Џемаили: Синиша ни е како татко на сите во клубот, едвај чекаме да се врати

Темата Синиша Михајловиќ го обои викендот во Италија и низ цела Европа. Капитенот на Болоња, Блерим Џемаили го нарече српскиот тренер - татко на сите во клубот и опиша колку тешко на сите им падна веста за неговата болест.

Швајцарскиот репрезентативец роден во Боговиње за италијанските медиуми рече: 

„Синиша ќе победи во оваа битка и за нас, и ние сме негово семејство. За шест месеци тука даде како било кој тренер за цела кариера. Откако зборувавме со него и ни ја соопшти веста, сфативме дека мораме да продолжиме да работиме. Mихајловиќ ни е како татко, затоа ќе се бориме за него како што тој се бори за нас. Едвај чекаме да се врати на клупата“.

Валтер Сабатини, спортскиот директор на клубот, изјави дека договорот со Михајловиќ останува и Болоња нема да ангажира друг тренер на неговото место.