Џеко: Со радост се откажав од многу пари за да играм за Шалке

Напаѓачот Един Џеко изјави дека финансискиот аспект не бил пресуден за неговото враќање во Германија со Шалке 04 во втората Бундеслига. 39-годишниот ветеран ја напушти Фиорентина во јануари и потпиша краткорочен договор со Шалке до крајот на сезоната. Во пет настапи во синиот дрес, искусниот напаѓач веќе постигна четири гола.

„Им кажав јасно од почетокот, парите не ми се важни. Добив и други, значително повисоки понуди. Тоа не е најважното за мене. Со задоволство се откажав од парите за да играм за овој клуб“, изјави Џеко во интервју за германскиот весник „Билд“.

Иако босанскиот репрезентативец наскоро ќе наполни 40 години, засега не размислува за крај на кариерата.

„Не сум човек што неколку месеци однапред ќе го најави повлекувањето. Не планирам толку далеку. Летово ќе го слушам моето тело, но во моментов се чувствувам многу добро и сè уште можам да постигнувам голови“, додаде тој.

Во моментов Шалке 04 е на првото место во втората Бундеслига со 46 бодови и е меѓу главните кандидати за враќање во елитната германска конкуренција следната сезона.