Џангаровски: Љубовта кон фудбалот ја добив од семејството, сонувам да заиграм против Јамал!

Младите спортисти се срцето на иднината на македонскиот фудбал – талентирани, посветени и гладни за успех. Преку серија инспиративни интервјуа под наслов „Нашите идни шампиони“, Powerade и Gol.mk организираат уникатна кампања посветена токму на нив.

Запознаваме осуммина перспективни млади фудбалери кои се веќе дел од репрезентативните селекции и најголемите домашни клубови. Со емотивни интервјуа, фотографии и лични приказни, ја откриваме човечката страна на спортот и ја истакнуваме важноста на поддршката што младите ја добиваат во најчувствителниот период од кариерата.

На ваков начин, Powerade не само што го промовира спортот, туку и активно помага во градењето на иднината на македонскиот фудбал. Следете нè и инспирирајте се од генерацијата што доаѓа.

Второто име во овој серијал интервјуа ќе биде еден од поголемите таленти во младинскиот фудбал – Мартин Џангаровски, репрезентативец на Македонија и освојувач на двојна круна со младинскиот тим на Македонија Ѓорче Петров.

„Потекнувам од Мирковци, Чучер Сандево, тукушто наполнив 16 години. Играм на бековската и на крилната позиција, во фудбалот сум од моите девет години. Овој спорт го засакав затоа што доаѓам од фудбалско семејство. Целото семејство ми беа фудбалери – дедо ми, татко ми, чичко ми... па тргнав по нивните стапки. Тие ми го всадија фудбалот во крвта и ми ја дадоа љубовта кон овој спорт. Целиот живот го сакав само фудбалот и ништо повеќе. Моментално повеќе играм на десната крилна позиција, а добро се снаоѓам и како бек. Моите татко и чичко беа стопери, но низ мојата кариера не влијаеја која позиција ќе ја играм или изберам. Повеќе го сакам нападот од одбраната, уживам кога давам голови или асистирам“, вели Џангаровски.

Младиот играч е дете на „лавовите“ од Ѓорче Петров, а оваа сезона ја освои двојната круна под водство на тренерот Мартин Христов.

„Во Македонија ЃП ја минав целата моја кариера, освен две години кога бев во Академијата на Фудбалската федерација на Македонија. Тоа беше во меѓувреме, ниту на почетокот, ниту на крајот. Оваа сезона бев дел од младинците на Македонија ЃП затоа што се уште не можев да играм официјални мечеви за сениорскиот тим затоа што немав полни 16 години. Ја освоивме двојната круна под водство на тренерот Мартин Христов од кого многу научив и на кого многу сум му благодарен за се што ми помогнал за да бидам подобар човек и поквалитетен фудбалер.“, додаде младиот играч.

Џангаровски имаше шанса да дебитира за првиот тим на свои 15 години. Бобан Грнчаров му ја даде шансата да биде дел од подготовките и да настапи на контролен дуел на кој постигна и прв гол во дресот на некогашниот шампион на Македонија.

„Имав деби настап за првиот тим на пријателски меч со Кожуф, постигнав и прв гол. Ги одработив тогаш подготовките со првиот тим, шансата ми ја дадоа тренерот Бобан Грнчаров и директорот Александар Бајевски. Грнчаров ме играше на мојата омилена позиција напред, задачите ми беа во нападот. Одлично ме прифатија тогаш во првиот тим, никој не гледаше на годините дека сум многу помлад. Добро се вклопив. Во првиот тим најголема поддршка ми беше Бобан Грнчаров и мојот татко Бобан Џангаровски. Надвор од теренот немавме многу дружба, си бев со моите младинци како Марјан Костиќ, Александар Анастасиески...“, ни открива.

Офанзивниот играч е капитен на генерацијата 2009 година, а настапи и на последните контролни дуели со Босна и Херцеговина. Почна да игра за националниот тим од најмладата категорија, а во еден момент беше и со постари соиграчи.

„Со настапите за Македонија почнав на 14 години, со една година постари од мене. Тогаш ме повика селекторот Раде Каранфиловски, а потоа си влегов во мојата генерација каде сум капитен. Сакам да играм само добро, да одам скалило по скалило се до сениорскиот тим еден ден, здравје Боже“, истакна фудбалерот на Македонија ЃП.

Низ младинската кариера, Џангаровски работеше со повеќе тренери. Ни откри кои од нив оставиле најголем печат кај него низ изградбата како фудбалер.

„Најмногу досега сум научил од Драган Начевски, со него бев две години во Академијата, сега ми е селектор и во генерацијата во која настапувам. Во Македонија ЃП можам да ги издвојам Тони Џангаровски, мојот тренер Хајро со кого почнував на почетокот, исто така како што го споменав претходно и Мартин Христов. Тони Џангаровски ми е чичко, но на терен немав никаква попуст од него. Секогаш бараше повеќе од мене, за да бидам подобар“, истакна фудбалскиот талент.

Со младинскиот тим на Македонија ЃП, Џангаровски оваа сезона ја освои двојната круна, а кои се очекувањата за следната?

„Очекувања за следната сезона, искрено, целта ми е да влезам во професионалниот фудбал. Се надевам дека ќе бидеме дел од топ пет екипите од Првата лига, па ако ни се даде шанса, да направиме и нешто повеќе со Македонија Ѓорче Петров“

Младиот ас има двајца идоли – Лионел Меси и Кака. Навива за Барселона и Интер, а сонува еден ден да се најде на терен еден против друг со новата ѕвезда во светскиот фудбал Ламин Јамал.

„Мојот идол е Лионел Меси, но многу влијание како помал имав влијание и од Кака благодарение на татко ми кој многу го сакаше како играч. Потезите на теренот сакам да ги копирам од Нејмар и од Ламин Јамал. Тие двајца се уникатни играчи. Од странските екипи навивам за Барселона и за Интер. Еден ден би сакал да се видам на терен и да играм заедно или еден против друг со новата фудбалска ѕвезда Ламин Јамал“, ни потенцира тој.

На крајот на разговорот, Џангаровски остана скромен за желбите. Вели дека ќе оди чекор по чекор. Првата желба му е да биде професионален фудбалер и да заигра во некоја од најдобрите лиги во Европа, а мотивација му е и сениорскиот тим на Македонија.

„Имам многу желби, но една што се уште не ми е остварена е да бидам професионален фудбалер на европско ниво, во странство, во некој силен клуб. Секако дека желба ми е еден ден да заиграм за сениорскиот тим на Македонија и да ја претставувам државата, но до таму имам уште многу пат. Одиме чекор по чекор, полека, но со многу мотивација“, заврши 16-годишниот Мартин Џангаровски.