Џака: Не ми се допаѓа што ќе играм против Косово

Швајцарскиот фудбалски репрезентативец Гранит Џака изјави дека не сака да игра против Косово од каде што потекнува. Швајцарија ќе го пречека Косово на 5 септември годинава во првиот натпревар од квалификациите за Светското првенство во 2026 година Реваншот ќе се одигра на 18 ноември на стадионот „Фадил Вокри“ во Приштина.

Во декември во Цирих беше одржана ждрепката за квалификациските групи за европските квалификации за Светското првенство, кое во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада. Во рамките на групата „Б“ ќе се сретнат фаворитот Швајцарија, како и Шведска, Словенија и Косово.

„Навистина не ми се допадна оваа ждрепка, но јас сум доволно професионалец за да го дадам максимумот 90 минути“, изјави Џака во интервју за швајцарскиот весник „Блик“.

Тој посочува дека покрај Косово сакал да избегне играње и против Србија и Албанија во квалификациите за СП.

„Ја избрав Швајцарија и не жалам за тоа. Со голема гордост го носам овој дрес. Во спротивно немаше да одиграм 135 натпревари за репрезентацијата“, изјави Џака, рекордерот по бројот на настапи за Швајцарија.

Косово и Швајцарија во изминатиот период одиграа три натпревари, два квалификациски за ЕВРО 2024 и еден пријателски. Џака настапи на сите три меча, а швајцарските медиуми го критикуваа дека не го дал максимумот во натпреварот против сонародниците.