Џака и Шаќири на мета во Швајцарија - „Не се лутете кога ве нарекуваат платеници од Балканот“

Швајцарските репрезентативци со албанско потекло, Гранит Џака и Џердан Шаќири ветуваа пред подолго време дека нема да провоцираат на национална основа, но тамошните медиуми „распалија“ по двајцата за прославата на головите против Србија и не се импресионирани од нивното однесување.

„Џака и Шаќири, двајцата најталентирани играчи од генерацијата го одлучија мечот, покажаа дека се класа. Но, тоа што го направија при прославата на погодоците, покажува дека не поседуваат никаков политички сензибилитет, ниту дека друштвената свест им е развиена. Провоцираа на национална основа. Сите знаеме во какви односи се Србија и Косово, но за тоа нема место на стадионите. Порано тоа го правеше Бехрами, а сега тие. Тоа го одзема националниот дух и потоа играчите се лутат затоа што се наречени платеници од Балканот. Сега повторно се предизвикани таквите коментари со оваа прослава“, пишуваат швајцарските медиуми.

Во дел од коментарите се вели дека со таквиот потег двајцата фудбалери покажале непочитување и кон Швајцарија.

„Тоа претставува невоспитување и непочитување на Швајцарија, не само на ривалот. Фудбалот, односно спортот, е игра на заедништво, непотребни и глупави провокации на никој не му се потребни“, се вели во дел од медиумите.

Иако Џака негира дека таквата прослава на голот била намерна и упатена кон Србите, туку кон оние што го поддржуваат, сепак стана јасно дека не е искрен со пораките на Инстаграм, во кои непримерно и неспортски ја прослави победата над Србија.