• Иван Димовски
Фудбалерите на Баер Леверкузен ја обединија двојната круна во Германија, откако по Бундеслигата го освоија и Купот. Избраниците на Чаби Алонсо во се радуваа во финалето против Кајзерслаутерн, минимално со 0-1 (0-1). Херој во мечот за трофејот во ДФБ Купот беше Гранит Џака кој даде мајсторски погодок.
Средбата на „Олимпискиот стадион“ во Берлин понуди отворен старт и по некоја шанса пред двата гола. Резултатот беше отворен во 16. минута од мечот, а стрелец беше Џака. Швајцарскиот репрезентативец даде ефектен гол, откако искористи одбиена топка на средината од теренот и со перфектен удар од преку 25 метри стрела директно во аголот на голот (0-1).
This angle of Granit Xhaka's BANGER to open the scoring in the DFB Pokal final pic.twitter.com/OnxcTrKlr0
— ESPN FC (@ESPNFC) May 25, 2024
Голем пех за „фармацевтите“ беше исклучувањето на Одилон Косуну, кој во финишот на полувремето поради остар старт доби втор жолт картон. Кајзерслаутерн имаше шанса со човек повеќе да се надева на кам-бек, меѓутоа немаше сили за такво нешто. Второлигашот квалитативно беше под нивото на противникот и ниту со играч повеќе немаше сили да го загрози голот на германскиот првак.
Повеќе шанси во вториот дел и покрај црвениот картон имаше Баер, се обидуваа Станишиќ, Фримпонг и Вирц, меѓутоа резултатски промени немаше. Четата на Алонсо го затвори мечот во своја корист, ги обедини двата германски трофеи и сезоната ја заврши со еден единствен пораз. Леверкузен загуби во финалето на Лигата на Европа, убедливо од Аталанта.