Двократниот европски првак со МНОГУ пари ја „лови“ првата ѕвезда на Наполи?

Англиските медиуми објавија информација која многумина ја сфатија несериозно, а се однесува на евентуален трансфер на Виктор Осимен од Наполи во лондонски Челзи. 

Иако се чини дека шансите за такво нешто се мали поради неучеството на „сините“ во Лигата на шампионите, сепак Челзи би можел да го реализира преминот со примамлива плата за напаѓачот и огромна отштета за италијанскиот клуб. Наполи сигурно не би ја продал првата ѕвезда за помалку од 130 милиони евра, а Челзи воопшто не би имал проблем да ја исплати оваа сума. Дел од медиумите одат дотаму што најавуаат дека трансферот би можел да се реализира уште во јануари, но во тој случај сумата би била уште повисока и се шпекулира со цифра од 160 милиони евра, плус дополнителни клаузули и бонуси. 

Нигерискиот центарфор важи за еден од најдобрите во светот, а на Челзи му е потребен токму таков напаѓач. „Сините“ сезонава досега постигнаа само 22 гола и тоа ги загрижува сите во клубот, па газдата Тод Боели очигледно решил да не штеди средства за квалитетен голгетер. Не е познато дали Осимен веднаш би прифатил премин во Лондон, но се претпоставува дека лондончани ќе се обидат да го „намамат“ со плата од 20 милиони евра по сезона, што би претставувало трипати поголема заработка од досегашната.

И покрај фактот што Челзи тешко ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите, сепак, парите би можеле да играат важна улога во одлуката на играчот кој не е во добри односи со управата на Наполи. Виктор Осимен пристигна во Неапол пред пред три сезони и досега постигна 56 голови на 91 одигран натпревар. Минатата сезона беше главен предводник на Наполи кон првата титула после тридецениски „пост“ во Серија А.