Двоецот од Малме, Ракип и Јохансoн со „корпа“ за ФФМ!

Македонската фудбалска федерација (ФФМ) најверојатно не успеа да ги убеди двата големи таленти на Малмe, Ердал Ракип и Марко Јохансон да настапуваат во иднина за нашата фудбалска селекцијa. Играчот за врска, Ракип кој со своите 20 години важи за стандарден првотимец на Малмe со кого има две титули шампион на Шведска, за тамошните медиуми потврди дека и понатаму останува да игра за селекцијтата на оваа држава, иако имало интерес од Македонија.

„Бев побаран да играм за младата селекција на Македонија за играчи до 21 година во квалификациите за ЕП. Потоа бев повикан и за А селекцијата за квалификациите за СП. Тие ме побараа и контактираа неколку пати. Има интерес од нивна страна и ми рекоа дека вратите се отворени. Добро е што се вратите отворени, но во моментот ја сум дел од Шведска, каде што имам простор за напредок и не планирам да ја променам селекцијата. Ова е моја лична одлука на која не влијаеше фамилијата“, потврди Ракип за шведските медиуми.

Потврда за тоа дека имало интерес за овој играч дојде и од веќе поранешниот асистент на нашиот селектор, Агим Сопи, кој работи во Шведска како тренер на Ландскрона.

„Ракип ја избра Шведска, а тој веќе можеше да биде дел од А селекцијата на Македонија во мечот против Шпанија во квалификациите за СП. Но, изборот е негов и тоа ќе мора да го прифатиме“, изјави Сопи.

Ракип, чии родители се од Македонија и Турција ги помина сите младински селекции на Шведска, а со националниот тим до 17 години во 2013 година го освои бронзениот медал на Светското првенство кое се одржа во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Со иста одлука како и Ракип се произнел и младиот голман на тимот, Марко Јохансон, кој исто така има македонски корени и бил контактиран да игра за селекцијтата до 21 година, но и тој одбил.