Двете Шкендии ќе играат во Куманово, Охрид води трка со времето за ВАР

Купот на Македонија во фудбал дојде до полуфиналната фаза. За разлика од претходно се играат два натпревари, а веќе познато е каде ќе се игра двомечот од едната двојка, додека за другата се уште има дилеми.

Шкендија од Тетово ќе игра против Шкендија Арачиново. Тетовчани ќе бидат домаќини на својот стадион во Тетово, додека реваншот на кој арачиновци ќе бидат домаќини ќе се игра во Куманово. Причината за такво нешто е што нема ВАР-систем на стадионот на Шкендија Арачиново.

Во втората двојка играат Силекс и ГФК Охрид. Кратово стандардно ќе биде домаќин на мечот на Силекс, додека ГФК Охрид води трка со времето за имплеметирање на ВАР-систем на „Билјанини Извори“. Раководството работи да ги обезбеди сите услови за игра, за да биде празник во градот, но останува да видиме дали ќе се успее во тоа.

Неофицијално, доколку не се успее да се постави ВАР-систем во Охрид, овој натпревар ќе се игра на стадионот во Струга каде веќе се играат мечеви во ПМФЛ на кои домаќин е Струга Трим Лум.

Првите натпревари од оваа фаза во Купот на Македонија се предвидени да се играат на 1 април. Реваншите, пак, се закажани на 22 април.