ВИДЕО: Две ремек-дела на „Вембли“, лондонското дерби без победник

Екипите на Тотенхем и Вест Хем во лондонското дерби на „Вембли“ ги поделија бодовите, откако во заостанатиот натпревар од 21. коло, во супервозбудлив натпревар со два ефектни гола одиграа 1-1 (0-0).

„Чеканите“ беа на прагот да забележат нова супер-победа која ќе ги однесеше дури на средината на табелата, но на крајот мораа да се задоволат само со еден бод. Радоста на тимот на Мојс ја скрати Сон, кој во 84. минута постигна фантастичен погодок од далечина и донесе голема радост за „петлите“.

Избраниците на Почетино доминираа од самиот почеток на натпреварот, но „чеканите“ успешно одолеваа и благодарение на одбраните на Адриан по ударите на Кејн, Сон и Ериксен, на полувреме заминаа со по нив позитивни 0-0.

И во вториот дел фудбалерите на Тотенхем беа тие кои доминираа на теренот, за разлика од Вест Хем, кој се обидуваше само преку контри. При една таква во 70. минута Ланцини ја додаде топката до Обианг, а овој со вистинска бомба од околу 25 метри го совлада Лорис и донесе голема радост за гостите.

Но, Тотенхем не се предаде, па во последните минути од мечот успеа да возврати со иста мера. Вистиснки евро-гол постигна Сон, кој си создаде простор и шутираше од триесетина метри, за конечни 1-1.

По последниот натпревар од 22. коло во Премиер лигата, Тотенхем се наоѓа на петтото место, додека Вест Хем е на 15. позиција и продолжува со битката за опстанок во англиската елита.