Две потписи во еден ден: Переира и Туанзебе добија нови договори со Јунајтед

По доведувањето на младиот англиски бек, Арон Ван-Бисака, раководството на Манчестер Јунајтед се насочи кон продолжување на договорите со актуелните фудбалери. 

По новата соработка со една од најголемите ѕвезди на тимот, Маркус Рашфорд, „ѓаволите“ во еден ден „бетонираа“ уште двајца фудбалери. Станува збор за младите Андреас Переира и Аксел Туанзебе. Бразилскиот ас по неколкуте позајмици одигра одлична сезона под водство на Оле Гунер Солскјер, кој беше најголемиот иницијатор за продолжување на соработката. 23-годишниот Переира со новиот договор на „Олд Трафорд“ ќе остане до јуни 2023. 

Тванзебе, пак, кој е продукт на академијата на Манчестер се реши да стави потпис на нов договор до јуни 2022 година. 

„Задоволен сум од досега сработеното на трансфер пазарот и дополнително преговараме со уште еден, двајца нови играчи. Во постојан контакт сум со Џоел Глејзер, Едвард Вудвард и тимот од аналитичари, но засега сме задоволни од тоа што го направивме и тоа не е сѐ за ова лето“, рече по потписите со младите фудбалери Оле Гунар Солскјер. 

Ова лето Јунајтед во своите редови го доведе и младиот репрезентативец на Велс, Даниел Џејмс, а го продолжи договорот и со искусниот Хуан Мата.