ВИДЕО: Англија со две аматерски грешки ѝ подари финале на Холандија во ЛН

Ако вчера гледавме вистински фудбалски спектакл во режија на Португалија и Швајцарија, вечерва селекциите на Холандија и Англија не ги оправдаа очекувањата на неутралните фудбалски фанови, но не и оние на „лалињата“. Во второто полуфинале на Лига А на Лигата на нации, Холандија по продолженијата успеа да стигне до победа од 3-1 над големиот ривал и да закаже финале против домашната селекција. 

  • Извештај од натпреварот: 

Герет Саутгејт се реши да ги поштеди финалистите на Лигата на шампионите и од првата минута започна со младите Деклан Рајс (трет настап) и Џејдон Санчо (петти настап), а изненадувачки во првиот состав се најде и искусниот играч за врска на Манчестер Сити, Фабиан Делф, кој оваа сезона одигра само 11 натпревари за англискиот шампион во Премиер лигата. 

На другата страна Куман го извади најсилниот состав, со Ван Дијк и Вајналдум како и младите ѕвезди Де Јонг и Де Лихт. Почетната иницијатива им припадна на „лалињата“, кои преку поранешниот ас на Манчестер Јунајтед, Мемфис Депај ја пропуштија првата можност за отворање на резултатот. 

Англичаните продолжија да играат во грч, повеќе мислеа на својот гол отколку на противничкиот, но еден голем кикс на младиот Де Лихт, му донесе радост на поранешниот светски шампион. 

Маркус Рашфорд одлично го искористи подарокот од фудбалерот на Ајакс, кој мораше со прекршок да спаси чист гол, но токму ѕвездата на Јунајтед ја презеде одговорноста и со прецизен удар од 11 метри донесе англиска радост во Гимараеш (0-1). 

До крајот на првиот дел Рашфорд повторно беше во можност да реализира, но овој пат беше сопрен од холандската одбрана, по што се повреди и не беше во можност да го продолжи мечот. На негово место на стартот од вториот дел влезе капитенот Хари Кејн. 

Вториот 45 минути започнаа бавно, двете селекции играа резервирано и возбудувањата изостануваа. Прва се закани Англија, откако на асистенција на Делф, младиот Санчо со глава биеше во добро поставениот Силесен, додека неколку минути подоцна Депај со „ножички“ не успеа да го изненади Пикфорд. 

Во 68. минута Куман го повлече првиот потег и во игра ги внесе Примес и Де Бек, а „лалињата“ пет минути подоцна стигнаа до посакуваниот погодок. Де Лихт на англиски начин ја натскока противничката одбрана и со глава ја заби топката во мрежата на Пикфорд за израмнување на 1-1.

Голот на младата ѕвезда на Ајакс во заминување како да ги разбуди актерите на мечот. Во самиот финиш двете селекции тргнаа по втор гол, а нововлезениот Лингард го совлада Силесен, но по реакција на видео-судиите голот на Англија беше поништен. 

Само неколку минути подоцна ВАР-технологијата повторно беше во центарот на вниманието, но овој пат донесе одлука во полза на Англичаните, откако играњето со рака на Чилвен не беше санкционирано со најстрога казна за Холандија. Така, мечот меѓу фудбалските великани влезе во дополнителни 30 минути. 

Продолженијата започнаа со гол во мрежата на Англија. Еден од најскапите дефанзивци на светот, Џонс Стоунс направи катастрофална грешка и неговиот соиграч Вокер несреќно ја затресе сопствената мрежа за водство од Холандија од 2-1. Но, тоа не беше сè од грешките на Англичаните, откако Рос Баркли влезе во друштво на Стоунс и со катастрофален кикс му подари гол на Промес за конечни 3-1 за Холандија. 

Финалето против Португалија, Холандија го игра в недела на „Драгао“.