• Горан Упале

Во време кога најголемите англиски клубови трошат стотици милиони евра на засилувања, Брајтон и Брентфорд покажаа дека успехот може да се изгради и на поинаков начин. Зад нивниот неверојатен подем стојат двајца сопственици кои богатството не го стекнале со наследство или нафтени милијарди, туку со математички модели, статистика и светот на спортското обложување.
Тони Блум, навивач на Брајтон, го купи својот клуб во 2009 година кога настапуваше во третата англиска лига. Само 14 години подоцна Брајтон веќе играше европски фудбал, завршуваше на шестото место во Премиер лигата и беше пример за одлично скаутирање и развој на играчи.
Слична приказна има и Метју Бенам. Долгогодишниот навивач на Брентфорд го презеде клубот во 2012 година, исто така додека беше третолигаш. За само една деценија Брентфорд стигна до Премиер лигата, изгради нов стадион и заврши на деветтото место меѓу англиската елита.
И двајцата имаат заедничко минато. Работеле во индустријата за спортско обложување, каде што анализирале квоти и статистички модели. Блум подоцна ја основал компанијата „Starlizard“, специјализирана за анализа на спортски пазари, додека Бенам ја формирал „Smartodds“, компанија која се занимава со статистички модели и проценка на вредноста во спортот.
Приказната станува уште поинтересна ако се знае како го создале своето богатство. Тони Блум беше еден од луѓето кои помогнаа азискиот хендикеп да стане популарен на британскиот пазар. Токму тогаш забележал дека азиските обложувалници често прават грешки при формирањето на квотите за овој тип облози, а воедно прифаќаат и многу поголеми уплати отколку европските, без дополнителни проверки. Заедно со Метју Бенам ја искористиле оваа пазарна неефикасност и преку детални статистички анализи заработиле милиони.
Токму тој аналитички пристап подоцна го пренеле и во своите клубови. Наместо скапи трансфери и импулсивни одлуки, Брајтон и Брентфорд се потпираа на податоци, внимателен избор на играчи и долгорочно планирање. И покрај тоа што имаа далеку помали буџети од конкурентите, тие постојано ги надминуваа очекувањата.
Една од најпознатите изјави на Метју Бенам совршено ја отсликува нивната филозофија. Кога Брентфорд имаше серија од осум порази во првите десет натпревари и јавноста бараше отказ за Томас Франк, сопственикот кратко одговори:
„Резултатите не се сосема неважни, но најчесто се само бучава.“
Наместо паника, Бенам му веруваше на процесот и на бројките. Неколку години подоцна Томас Франк го одведе Брентфорд во Премиер лигата, каде клубот не играл уште од 1947 година.
Приказната за Брајтон и Брентфорд денес е една од најневеројатните во англискиот фудбал. Два клуба без огромни буџети, предводени од двајца поранешни професионалци од светот на обложувањето, покажаа дека статистиката, трпението и долгорочната стратегија можат да бидат посилно оружје од милионските трансфери. Затоа денес токму овие два клуба се сметаат за пример како треба да се гради модерен и успешен фудбалски проект.

