ДВАЕСЕТ гола, а само сме февруари: Ваков расположен голгетер Македонија одамна немала!

Бојан Миовски продолжува немилосрдно да ги тресе противничките мрежи каде и да настапи со својот Абердин и по кој знае кој пат оваа сезона е во центарот на вниманието на фудбалската јавност во Шкотска.

24-годишниот штипјанец одново ги направи Македонците горди и уште еднаш докажа дека игра во страшна форма и моментално е најдобриот фудбалер на Македонија. Миовски по само неколку дена откако постигна прекрасен гол во соочувањето со големиот Селтик, го „начна“ и Глазгов Ренџерс. „Деветката“ на култниот шкотски клуб во финишот од првиот дел на дуелот со „полицајците“ го замолкна „Ајброк“ и го врати својот тим во игра против големиот фаворит.

<<< ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Миовски ги „делка“ гигантите – со супер-гол го замолкна „Ајброкс“!

За Миовски тоа беше тринаесетти овосезонски погодок во шкотската фудбалска елита, а досега постигна уште три гола во шкотските Купови, како и четири на меѓународна сцена. Тоа се вкупно дваесет гола во дресот на Абердин во сите натпреварувања, бројка која што македонски напаѓач одамна ја немал. Но, треба да се напомене дека сме само февруари и до крајот на сезоната има уште четири месеци, па нема да биде изненадување доколку Миовски ја надмине бројката од триесет гола.

Последен Македонец кој што може да се пофали со повеќе од дваесет гола во една сезона е Илија Несторовски, кој пред девет години во дресот на Интер Запрешиќ постигна 25 гола во ХНЛ. Пред седум години расположен за голови беше и Адис Јаховиќ, кој во дресот на Гезтепе впиша 21 гол.