• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Никола Серафимов ова лето веројатно ќе менува средина. Постои голем интерес за стоперот, а последните два клуба кои се заинтересирани за него доаѓаат од Романија.
Најзагреана екипа за потписот на 23-годишниот стопер е ФЦСБ која е во сопственост на Џиџи Бекали. Романскиот тим веќе е во контакт за трансфер на дефанзивецот кој во последната сезона го носеше дресот на МОЛ Фехервар, а претходно со големи успеси настапуваше за унгарски ЗТЕ.
Исто така за Серафимов е заинтересирана и екипата на Клуж. Поранешниот шампион на Романија бара играчи со добар квалитет и кои имале настапи низ шампионати во Европа, а може да се добијат за не премногу пари, или, пак, бесплатно, ако се без договор. Една од метите е Македонецот.
Претходно, за Никола Серафимов се распрашуваше и хрватски Осијек. Серафимов, кој има шест настапи за сениорскиот тим на Македонија, во Унгарија игра од 2021 година кога од Академија Пандев премина во ЗТЕ, а потоа потпиша со МОЛ Фехервар. Во кариерата тој беше дел и од Јихлава-Б од Чешка, Вардар, Брегалница и Пелистер.