ВИДЕО: Два пенали за Јунајтед за два гола на Погба и победа над Вест Хем

Екипата на Манчестер Јунајтед можеби ја запиша најтешката и најзначајната победа во Премиер лигата под водство на Оле Гунер Солскјер, откако во денешниот последен натпревар од 33. коло на англискиот шампионат со минимални 2-1 го совлада тимот на Вест Хем Јунајтед. 

  • Извештај од натпреварот: 

Дуелот на „Олд Трафорд“ кој беше од огромно значење за „ѓаволите“ започна со две сомнителни одлуки на судиската тројка пред двата гола. Најпрво, поради наводен офсајд на Андерсон поништен беше чист погодок на Вест Хем, додека неколку минути подоцна Снодграс го собори Мата на работ од шеснаесеттикот, а главниот судија Скот одлучи да досуди пенал за домаќинот. 

Сигурен реализатор на ударот од 11 метри беше Пол Погба, кој силно ја затресе топката за грбот на Фабиански. До крајот на првиот дел двете екипи играа резервирано, но само што започна вториот дел следуваше шок за домашните фанови. 

Де Хеа, кој вечерва во отсуство на Јанг и Валенсија беше капитен, испрати погрешно додавање до Погба, кое Вест Хем преку бразилскиот офанзивец Андересон го казни и израмни на 1-1. Солскјер веднаш реагираше по израмнувачкиот гол на „чеканите“ и на местото на Мата во игра го внесе Маркус Рашфорд, кој донесе свежина во нападот и двапати се закани кон голто на Вест Хем, но неговите обиди беа неуспешни. 

На спротивната страна, нововлезениот Антонио, најпрво ја стресе пречката, а потоа биеше незгодно со глава, но Де Хеа со фантастична интервенција успеа да одбрани. Но, во моментите кога се чинеше дека Вест Хем ја има контролата на мечот, Марсиал по една пеколна контра се избори за нов пенал за својот тим, кој повторно во гол го претвори Погба за конечни 2-1. 

Во следното коло Јунајтед на гости го игра дербито со Евертон, додека Вест Хем ќе се сретне со Лестер Сити.