Два меча, без шут во гол: Каде се најдобрите фудбалерки на Македонија?

Женската фудбалска репрезентација на Македонија започна нов циклус на квалификации за Светското првенство, кој тргна со два високи порази, но и уште еден повеќе поразителен податок.

Македонија предводена од селекторот Андов двапати се соочи со Унгарија и двапати убедливо загуби. Во Битола резултатот беше 5-0 за Унгарките, додека на гостински терен нашиот национален тим прими седум гола.

Но, она што е уште потешко е што Македонија го заврши двомечот без ниту еден шут кон голот на ривалот. Да, верувале или не. За 180 минути игра, немавме ниту една сериозна закана. И она прашање кое што се отвора сега е – каде се најдобрите фудбалерки на Македонија во сениорскиот тим?

Трите кои низ својата кариера понесоа многу признанија, играат баш во нападот. На овој собир ги немаше Наташа Андонова која игра во Шпанија со успех во Мадрид, ја немаше Гентијана Рочи која настапува во Финска и освојува титули, ја немаше Ленче Андреева која е дел од најтрофејниот грчки клуб ПАОК. Три интернационалки кои не се на списокот. Таков луксуз, Македонија која ги брои професионалните фудбалерки кои играат во странство на рака, не може да си дозволи.

Зошто е тоа така? Сите три се во активен ритам. Веројатно селекторот Андов го има одговорот на ова прашање. Останува да видиме дали трите ќе се појават во тимот на собирот кој следи во јуни, пред продолжението од квалификациите.