• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Кире Маркоски имаше фантастичен настап за Спартак Трнава во рамки на финалето на Купот на Словачка и двапати се запиша во листата на стрелците, во супер-возбудливиот меч против Жилина.
Спартак Трнава иако имаше предност од 3-0, сепак, одигра 3-3 против Жилина, па натпреварот го решија пеналите. Два од головите за домаќинот, вториот и третиот, ги постигна Маркоски.
Првиот погодок Маркоски го постигна пред крајот на првиот дел, откако шутираше од шеснаесетникот и погоди во небранетиот агол на противничкиот голман, додека вториот падна во 48. минута, исто така со шут, со помош на противнички дефанзивец.
За Кире Маркоски ова беше прв трофеј со Спартак Трнава, откако направи трансфер во Словачка од АЕЛ Лимасол.