ВИДЕО: Два гола на Игало, Руни и Дерби немоќни против разиграните „ѓаволи“

Манчестер Јунајтед е последниот патник во четвртфиналето на ФА Купот, откако вечерва на убедлив начин со 0-3 славеше над Дерби Каунти на Вејн Руни, во натпревар кој го одбележа зимското засилување на „ѓаволите“ Одион Игало, постигнувајќи два гола во мрежата на тимот од Чемпионшип. Во борбата за полуфинале, Јунајтед ќе се бори против тимот на Норич.

  • Извештај од натпреварот:

По подолга пауза Руни повторно заигра против клубот каде ги мина најдобрите фудбалски денови, но не на својата природна позиција (напад), затоа што Филип Коку му даде повеќе дефанзивни задачи и беше организатор на играта на Дерби. 

Токму екс-капитенот на „ѓаволите“ ја имаше првата вистинска шанса за отворање на резултатот, но Серхио Ромеро со фантастична одбрана спречи спектакуларен гол на Англичанецот од слободен удар. 

<<< ПОВРЗАНО - Сè уште има магија во неговите нозе: Малку фалеше Руни да даде еврогол против Јунајтед (ВИДЕО)

Иако почетокот на натпреварот му припадна на домаќинот, кој имаше уште неколку прилики за почетно водство, Јунајтед од својата првата вистинска шанса стигна до водство од 0-1. По една мешаница пред голот на Дерби, Лук Шо испрати чуден волеј и го изненади Рос и донесе водство за својот тим од 0-1. Осум минути подоцна Шо се најде во улога на асистент, а зимското засилување Игало одлично се снајде меѓу двајца домашни дефанзивци и ја зголеми позитивата на Јунајтед (0-2).

Вториот дел започна речиси идентично како првиот, со иницијатива на Дерби, но поискусните „ѓаволи“ не само што не дозволија погодок во мрежата на Ромеро, туку преку Шо и Мектоминеј испуштија големи шанси за уште поубедливо водство. 

Неискористена прилика имаше и искусниот Мата, кој својата улога на капитен вечерва (поради повредата на загревање во стартниот состав го немаше првиот капитен на тимот Мегвајер), ја круниса со додавање за нов гол на нигерискиот напаѓач Игало, кој од својот втор обид ја смести топката зад грбот на Рос и ги постави конечните 0-3.

Во самиот финиш од натпреварот Руни речиси од идентична позиција како при првиот обид испрати нова „бомба“ од слободен удар, но и овој пат Ромеро беше на висината на задачата и повторно не дозволи радост на поранешниот голгетер на Јунајтед.