ВИДЕО: Два гола на Хаверц, победнички танц на Леверкузен на „Борусија Парк“

Баер Леверкузен ѝ се приклучи на Борусија Дортмунд и со две победи по рестартот ја најави борбата за влез во Лигата на шампионите, а можеби и титулата. Во дерби дуелот од 27. коло на Бундеслигата, Баер Леверкузен на „Борусија Парк“ ја совлада Борусија Менхенгладбах со 1-3 (0-1). Со овие три бода „фармацевтите“ веќе се во големата четворка, која ќе ја претставува Германија во најсилното клупско натпреварување следната сезона.  

  • Извештај од натпреварот:

Домашниот тренер Росе се одлучи за офанзивен тим, со Емболо, Плеа и Турам во нападот. Сепак, уште по седум минути поведоа гостите од Леверкузен. Белараби упати прецизна топка по земја до Хаверц, а овој сам пред Швајцарецот Зомер, со генијален удар ја погоди домашната мрежа (0-1). 

По примениот гол, домаќините ги снајде уште еден проблем. Емболо се повреди во 12. минута и веднаш беше заменет со Штиндл. Баер Леверкузен продолжи да доминира и преку Демирбај и Хаверц креираше уште две големи шанси за гол. И покрај инфериорната игра, Борусија Менхенгладбах на одмор замина само со еден гол заостанување. 

Марко Росе им одржа лекција на своите фудбалери во соблекувалната и некоја нова Борусија Менхенгладбах излезе на терен. Француската врска целосно ја измами одбраната на „фармацевтите“. Плеа убаво додаде, а Маркус Турам со прецизна дијагонала го матира Храдецки (1-1). 

Само две минути по израмнувачкиот гол Маркус Турам го мина Драговиќ, изби сам пред Храдецки, но неговиот млак удар, гостинскиот голман го одбрани. Во контра побегна Белараби, откако биеше беше срушен од Лајнер и главниот судија Шторкс покажа на белата точка. Откако ВАР-собата го повика пак да ја погледне ситуацијата, Шторкс ја потврди одлуката, а Хаверц го матира Зомер, кој беше многу блиску да го одбрани ударот (1-2). Баер Леверкузен вторпат поведе, и тоа во периодот во кој домаќинот играше подобро на теренот.  

Шанса да го реши прашањето на победникот имаше Демирбај во 75. минута, но од поволна позиција биеше преку голот. Ласло Бенеш во 75. минута го замени Штиндл, во обид домашната екипа да се спаси од пораз. Сепак, по еден прекин, домашната одбрана заспа, Демирбај го погоди Свен Бендер во главата, а овој ги постави финалните 1-3 во 81. минута. Баер Леверкузен ги прескокна Борусија Менхенгладбах и РБ Лајпциг и како третопласиран ќе ги чека двете кола кои следат следната недела.