• Зоран Мишевски

По поразот во дербито на „Енфилд“ минатата недела, првакот на Англија, Манчестер Сити веднаш им се врати на победите. Во попладневниот дуел од 13. коло, совладан е Брајтон на „Итихад“ со 3-1 (2-0), со два нови гола на Ерлинг Халанд.
- Манчестер Сити - Брајтон 3-1:
Гвардиола го остави Фоден на клупата за резерви и им даде доверба на Грилиш и Марез, како поддршка за Халанд. „Граѓаните“ почнаа моќно и напаѓачки и по само неколку минути бараа пенал заради прекршокот на голманот Санчез врз Норвежанецот. Сепак главниот судија Поусон не ја прекина играта. Сепак, теренската иницијатива вроди со плод со едноставен гол во 22. минута. Едерсон дегажираше, Халанд ја искористи грешката проценка на голманот на Брајтон и ја смести топката во празната мрежа (1-0).
Момците на Де Зерби беа без одговор, а тоа шампионот знаеше да го казни. На интервенција на ВАР-собата главниот судија покажа на белата точка во 43. минута, заради прекршокот врз Бернардо Силва. Халанд пеналот го претвори во гол и зголеми на 2-0. Дилемите околу победникот можеа да бидат решени ако Марез реализираше зицер на почетокот на второто полувреме, но шпанскиот голман одлично му одбрани. Казната стигна една минута подоцна кога Белгиецот Тросард со удар од далечина го изненади Едерсон и погоди во поблискиот агол (2-1). Најдобриот период на гостите донесе уште една шанса за Тросард, кој ја искористи грешката на Аканџи, излезе сам пред бразилскиот голман, кој му влезе во шутот и одбрани.
Дилемите беа разрешени на петнаесет минути до крајот кога Де Брујне со прекрасен удар од работ на казнениот простор ја затресе мрежата на Брајтон, поставувајќи ги финалните 3-1. Гвардиола ги повлече Грилиш и Халанд во финишот, мислејќи на клучниот европски дуел во Дортмунд во вторник.
- Евертон - Кристал Палас 3-0:
По поразот од Њукасл, Евертон на Френк Лампард запиша лесна домашна победа против Кристал Палас со 3-0. Головите за „карамелите“ ги постигнаа Калверт Луин во првото и Ентони Гордон и Двајт МекНил во второто полувреме.