ВИДЕО: Два гола на Антонио, Вест Хем не се откажува од ЛШ

Екипата на Вест Хем ја прекина серијата од два порази во низа на гостувањето кај Барнли (1-2) и продолжи да сонува за едно од местата кои водат во Лигата на шампионите.

„Чеканите“ играат историска сезона, можеби една од најдобрите во поновата историја, а по поразите од Њукасл и Челзи, тимот се врати во колосек со победа кај еден од тимовите кои се борат за опстанок во елитата.

  • Барнли - Вест Хем 1-2:

По стартното водство на Барнли кое го донесе најдобриот напаѓач Вуд од пенал во 19. минута, Вест Хем одговори со два погодока на Михаил Антонио. Двата паднаа во временски интервал од осум минути, од 21. до 28. минута, па екипата од Лондон се радуваше на полниот плен на тешкото гостување.

Се обиде Барнли да се врати во второто полувреме, имаше добра шанса преку Родригез, ама откако не се реализира, резултатот остана на страната на Вест Хем кој најави дека нема лесно да се откаже од ЛШ.

Вест Хем е петти во ПЛ со вкупно 58 бода, додека Барнли е 16-ти и речиси сигурно има опстанок со вкупно 36 освоени бода.

На вториот денешен натпревар, Вест Бромвич Албион и Вулверхемптон го поделија пленот (1-1). Сепак, ВБА тешко дека ќе се спаси, затоа што има десет бода помалку од првиот на безбедното место, а до крај има уште четири кола. Први поведоа гостите преку Силва, а конечниот епилог го постави Дињ.