Два црвени картони, празни мрежи и очекувано реми во Автокоманда

Во натпревар за заборав, Скопје и Брегалница одиграа 0-0 во последниот натпревар од осмото коло на ПМФЛ. Дуелот на „Железарница“ мина во знакот на двете исклучувања на најискусните Мојсов и Тодоровски во вториот дел. За поранешниот репрезентативец ова е втор црвен картон сезонава, и тоа веднаш откако се врати по исклучувањето во Кавадарци. 

По почетните десетина минути, во кои се испитуваа силите. Први се заканија домаќините, но ударите на Калпачки и Игњатов не го принудија Шчекиќ на интервенција. Во 18. минута првпат се закани и гостинот. Милан Ѓокиќ од изгледна позиција се обиде со „ножички“, но ударот заврши крај дирекот. 

На точно половина час тренерот на Скопје, Славчо Георгиевски беше принуден да менува. На местото на Емрулаху, кој се повреди, во игра влезе Христијан Георгиевски. Во 32. минута Ѓокиќ спушти до Додев, чиј удар по земја од работ на казнениот простор заврши крај дирекот на домашната екипа. Во 35. минута Ефремов беше буден и одби во поле по опасниот центаршут на Херера. 

Вториот дел почна со шут на Ѓорѓиев од мртов агол, но Ефремов не дозволи да биде изненаден во поблискиот агол. Во 53. минута Додев имаше ветувачка шанса, биеше по земја од десетина метри, но ударот заврши крај десниот домашен дирек. Во 59. минута Касми влезе во игра и средниот ред на штипјани доби свежи нозе, а десетина минути подоцна шанса доби и Алтипармаковски. 

Во 65. минута случајно Скопје можеше да поведе. Калпачки и Кировски комбинираа, но Шчекиќ беше вимателен и интервенираше. Во периодот на пад на темпото, Даниел Мојсов во воздушен дуел со Кировски направи прекршок и судијата Трпчевски му покажа втор жолт картон и Брегалница последната четвртина од натпреварот ја доигра со десетмина.  

Иако се очекуваше дека тимот на Славчо Георгиевски ќе нападне, Скопје немаше енергија да му наштети на Брегалница. Во 82. минута искусниот Баже Тодоровски доби втора опомена и предвреме го заврши дуелот. Резервистот Христијан Георгиевски во втората минута од судиското надополнување со удар од далечина ја имаше последната закана во дуелот. Така натпреварот заврши без голови, на задоволство на двете екипи.