Два црвени картони и два атрактивни гола во ремито меѓу Олимпик Марсеј и Анжер

Екипите на Олимпик Марсеј и Анжер со реми со по еден постигнат гол го отворија седмото коло во француската Лига 1 (1-1). 

Во првото полувреме на „Велодром“ немаше голови, но главниот судија Лисорг имаше многу работа и во соблекувалната испрати двајца фудбалери, по еден во двете екипи. Прв „поцрвена“ гостинскиот фудбалер Рао-Лисоа, поради груб старт, додека само четири минути подоцна и Олимпик Марсеј остана со играч помалку. Летното засилување од Премиер лигата, Мопе за само три минути заработи два жолти картони и заслужено предвреме го заврши натпреварот. 

Играта „десет на десет“ донесе многу повеќе возбудувања во второто полувреме. По само шест минути игра во продолжението нововлезениот Роу донесе голема радост на трибините и водство за Олимпик Марсеј од 1-0. Сепак, домашната предноста кратко траеше. Само три минути подоцна Фарид Ел Мелали со велемајсторија од слободен удар израмни на 1-1. 

  • Извештај од натпреварот:

Во 68. минута мрежата на гостите одново се затресе, но ВАР го поништи погодокот на Муриљо, поради играње со рака на напаѓачот на Олимпик Марсеј. До крајот на средбата двете екипи имаа шанси за победа, но резултатот остана непроменет и двете екипи мораа да се задоволат со по еден бод.