Дуро: Ова е историска година за нас, сакаме да освоиме „двојна круна“

Фудбалерите на Струга Трим Љум имаат шанса да ја продлабочат историската сезона во мак-фудбалот. По освојувањето на трофејот во ПМФЛ, стружани ќе ја нападнат „двојната круна“ во финалето на Купот на Македонија. 

Противник ќе им биде актуелниот бранител на трофејот, Македонија Ѓорче Петров. Во пресрет на финалниот натпревар, на прес-конференцијата се обрати тренерот Шпетим Дуро. 

„Чест и задоволство е да се игра, да се биде учесник, да се биде тренер во едно големо куп финале за една земја. И двете екипи според тоа што го покажаа досега во ова натпреварување и тоа како заслужија да се тука. Кога ќе се пласираш во едно финале значи имаш квалитет, тука нема никакви дилеми. Струга Трим Лум стана шампион, тоа за нас е голема работа, го донесовме пехарот во градот Струга. Ова за нас беше историски момент. Сега ни се дава шанса да дојдеме до двојната круна и ќе се обидеме да ја искористиме оваа шанса. Очекувам добар меч, добро финале, секако очекувам триумф на нашиот тим, на Струга Трим Лум“, изјави Дуро.

Мечот за трофејот во најмасовното натпреварување во земјава се игра в сабота во терминот од 17:00 часот на теренот „Петар Милошевски“ при Фудбалската федерација на Македонија.