Дури и да нема публика, на мечевите од ПЛ ќе присуствуваат околу 300 лица

Премиер лигата е една од најпознатите и најгледани во целиот свет, поради фактот што конкуренцијата е многу силна. Таа привлекува огромно внимание на себе, па речиси секогаш трибините се полни. Во моментов фудбалот во земјата е суспендиран, а речиси сигурно е дека по продолжувањето ќе се игра без публика. 

Сепак, англиски „Дејли Меил“ направи пресметки за тоа колку луѓе ќе бидат потребни на стадионите за одигрување на еден меч. Минимум 300 луѓе се потребни за организација на средба од Премиер лигата, што е превисока бројка за кризен период од пандемија. 

На стадионите секогаш се присутни 40 фудбалери, 32 членови на стручниот и медицинскиот штаб. Потоа има по 12 официјални лица, меѓу шест до осум доктори, три претставници на Премиер лигата и преку 130 медиумски работници. Секако, потребни би биле и околу сто лица кои се грижат за состојбата на теренот, стадионот или се поставени околу тревникот. 

Натпреварите кои ќе бидат пренесувани на телевизиите во живо ќе додадат дополнително присуство на вработени внатре во стадионите. Бројките за меч без публика се високи, па останува да видиме како управата на Премиер лигата ќе добие дозвола за одржување на натпреварите.